Свет
15. January 2022 - 14:31

Руските војници се вратија од Казахстан

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека војниците распоредени во Казахстан поради насилните протести во таа земја се вратиле дома.

Тие беа дел од силите испратени како мировни сили од Организацијата на Договорот за заедничка безбедност, воен сојуз на шест поранешни советски држави предводени од Русија. На 5 јануари, ОДКБ испрати повеќе од 2.000 војници на барање на казахстанскиот претседател Касим-Јомарт Токаев.
Демонстрациите започнаа на 2 јануари во знак на протест поради зголемувањето на цените на горивото. Тие брзо се проширија низ земјата и за неколку дена прераснаа во насилство. Демонстрантите упаднаа во владините згради и ги запалија, при што загинаа десетици луѓе во судирите со безбедносните сили.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека сите авиони со војници од Казахстан се вратени. Не е познато дали во Казахстан има и други војници од другите земји-членки на ОДКБ.