Македонија
7. March 2021 - 19:39

Руските вакцини слетаа во Скопје, ќе се користат за граѓаните во најголем ризик

Со комерцијален лет на Ер Србија од Белград попладнево на скопскиот аеродром пристигна првата пратка со 3000 руски вакцини „Спутник В“. Пакетот го пречекаа министерот за здравство и амбасадорот на Русија во Македонија. Вакцините потоа беа транспортирани во Поликлиниката Јане Сандански каде и ќе се чуваат во фрижидери на минус 20. Како што најави Филипче имунизацијата со овие вакцини ќе почне в среда. Прво ќе се имунизираат граѓаните сместени во старските домови и лицата кои се во приоритетната група постари од 70 години и оние кои имаат ризик поради хроничната болест. 

-Станува збор за вакцини кои што се различни во делот на вакцинацијата и ревакцинација, што значи дека сите овие дози ќе се користат за прва вакцина. Продложува процесот на имузација во доменот на здравствените работници и според индикацијата и на граѓани и онака како што е предвидено во националниот план за вакцинација, рече Венко Филипче, министер за здравство.

Македонија од Русија набавува 200.000 вакцини. Со оваа пратка ќе бидат заштитени 3000 граѓани, а наскоро здравствените власти очекуваат нови количини “Спутник В” бидејќи за оваа вакцина различен е составот на првата доза и ревакцинацијата.

Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија Сергеј Баздникин изјави дека странува збор за безбедна и ефикасна вакцина која досега се користи во 46 земји.

- Вакцината е апсолутно безбедна и ефикасна и сега станува со право светски „бестселер“.Со Северна Македонија вакцината е регистрирана во 46 земји во светот вклучувајќи неколку држави во Европската Унија. Сега е во тек забрзана постапка во Европска агенција за лекови за да ја испитува делотворноста на вакцината врз основа на резултати од досегашните лабораториски испитувања и истражувања. Во СЗО се разгледува барањето за Спутник да се вклучи во листата на лекови одобрени од СЗО, да се користат за во вонредни ситуации, изјави Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Македонија.

Амбасадорот потенцираше дека тој нем,а да се вакцинира со Спутник В од оваа пратка, туку се надева дека наскоро амбасадата ќе добие токму вакви вакцини од Русија.