Рускиот патријарх Кирил во историска посета на Албанија
Патријархот московски и на цела Русија, Кирил денеска ќе допатува во тридневна посета на Албанија.
Поради посетата, преземени се засилени безбедносни мерки од страна на Министертвото за внатрешни работи и албанската тајна служба (ШИШ), а за неговата безбедност ќе се грижи и руско обезбедување, кое е секогаш во придружба на патријархот.
Посетата е на покана на Албанската афтокефална православна црква, чиј поглавар Анастас Јанулатос ја оценува како историска.
Според протоколот што го објави ААПЦ, поглаварот Јанулатос, во придружба на членовите на Светиот Архиерејски Синод, ќе ја пречека руската црковна делегација на меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ во Тирана, а потоа ќе биде одржана литургија во соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана.
Утре двајцата поглавари ќе чиноначалствуваат со утрената литургија во истиот храм, во сослужение на свештеници од двете цркви. Подоцна, ААПЦ ќе биде домаќин на официјалниот ручек во хотелот „МАК Албани“.
Во попладневните часови, во 18 часот, ќе се организира културна прослава во Културниот центар на соборниот храм „Воскресение Христово“, а ќе биде промовирана книгата „До краиштата на земјата“ на поглаварот Јанулатос на руски јазик.
Вечерта, претседателот Илир Мета ќе организира официјална вечера во „Палатата на бригадите“.
Во понеделник Патријархот Кирил ќе има официјални средби со претседателот Мета и со премиерот Еди Рама, а пред заминување ќе го посети и новиот манастир „Св. Влаш“ во близина на Драч и Теолошката православна академија која се наоѓа во кругот на манастирот.
Руската висока црковна делегација од аеродромот во Тирана заминува во 14 часот.
- Оваа, прва историска посета е од посебна важност бидејќи и двете цркви преживеаја жестоко комунистичко-атеистичко прогонство. Рускиот патријарх е многу значајна личност, која се вбројува на исто ниво со светските лидери и верски поглавари, како што е папата и вселенскиот патријарх, констатираат албанските медиуми.
Поглаварот на ААПЦ, Јанулатос во посета на руската православна црква беше во 1999 година, а двајцата великодостојници ги врзува пет децениско пријателство.
Од Руската православна црква Јанулатос е одликуван со признанието „За посебен придонес во зацврстување на единството на православието“ во 2008 година.
Ново на Сител
-
Пожар зафати куќа во неготинско Долни Дисан
-
Врховен задутре ќе одржи јавна седница по жалбата на таткото на Вања против мерката притвор
-
Минималната синдикална кошница за април 60.212 денари, зголемена за 1.214 денари во однос на март
-
Цената на лебот засега е стабилна и нема да се менува, велат од Агро-бизнис комората при ССК
-
МВР, ЈО и АНБ комплетно подготвени за претстојните претседателски избори
-
Инаугурацијата на Путин ќе се одржи на 7 мај
-
Шојгу: Русија ќе ги интензивира нападите врз складишта со западно оружје во Украина
-
Просечната плата во февруари изнесува 39.276 денари