Свет
27. May 2018 - 18:47

Рускиот амбасадор во Берлин побара Велика Британија да се извини за случајот Скрипал

Стотината руски дипломати, протерани поради скандалот со труење на поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал, можат да се вратат само по целосно извинување од Лондон, изјави рускиот амбасадор во Берлин, Сергеј Нечаев.

Велика Британија и други европски држави го обвинија Кремљ за труење со нервен агенс Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во март. Поранешниот двоен агент неодамна ја напушти болницата.

Велика Британија треба да признае дека „тоа беше голема грешка, или голема лага" и да се покаже дека и е жал, рече Нечаев.

Дваесет и пет земји и НАТО протераа околу 140 руски дипломати откако Лондон ја обвини Русија за инцидентот со Скрипал. Како одговор, Русија протера ист број странски дипломати.