Македонија
8. February 2019 - 16:39

Рускиот амбасадор ги повика западните сили да ја прифатат реалноста и да не разгоруваат конфликти

Наша загриженост предизвикуваат дејствија насочени кон рушење на најважните инструменти за обезбедување стратешка стабилност, истакна денеска од Битола рускиот амбасадор во Македонија, Се Баздникин.

- Отсуството кај некои западни земjи на желба да ја прифатат реалноста на полицентричниот свет кој објективно се формира, обидите и понатаму да ја наметнуваат својата волја, сето тоа доведува до зголемување на конфликтниот потенцијал, загрозувајќи ја безбедноста, вклучително и на нашиот заеднички европски континент. Подготвени сме за унапредување на пријателските односи со Република Македонија во различни области – дотолку интензивно, доколку за тоа се подготвени нашите партнери, изјави СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН, АМБАСАДОР НА РУСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Рускиот амбасадор денеска присуствуваше на одбележувањето на „Денот на руската дипломатија“ во Битола, каде бројни делегации положија цвеќе на Рускиот крст, подигнат во чест на рускиот дипломат Ростковски кој во близина на ова место бил убиен на 8 август 1903 година.

- Според историчарите, неговите напори во голема мера придонеле за зајакнување на националниот идентитет на Македонците, го поткрепиле нивниот стремеж кон државната независност и кон слободата за независно одлучување врз основа на сопствените, а не однадвор наметнати интереси, истакна Баздникин.

Дипломатот Ростковски е познат во историјата како заштитник на обесправеното македонско население.