Македонија
13. July 2015 - 14:51

Руски експерти ќе проверуваат македонски капацитети за извоз во Русија

Руската служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор „Россељхознадзор", чиј стручен тим пристигна во Македонија, наредните десет дена ќе врши надзор над 12 наши производни капацитети од млечната и месната индустрија. Доколку оцени дека ги задоволуваат бараните стандарди, ќе им овозможи да стекнат дозвола за извоз во Руската Федерација.

Како што соопшти Македонско-руската стопанска комора, контролата ќе се спроведува во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) согласно Меморандумот за соработка потпишан на 4-ти јуни годинава во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а ќе трае заклучно со 23-ти јули.

- Мисијата на оваа официјална десетдневна посета е проверка на македонските капацитети за производство на млечна и месна индустрија.  Посетата е иницирана од страна на „Россељхознадзор", а контролата ќе биде спроведена во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ, информира Комората.

Македонско-руската стопанска комора која во дел на активностите е насочена кон зголемување на извозот на македонски производи во Руската Федерација, оценува дека официјалната посета на делегација на „Россељхознадзор" и нивното директно запознавање со капацитетите во месната и млечна индустрија во Република Македонија е од исклучително значење за почнување извоз во овие гранки, како и огромна шанса за зголемување на вкупниот извоз на македонски производи во Руската Федерација што ќе овозможи поголема соработка и ќе резулира со зголемување на финансиските резултати.