Свет
11. August 2021 - 9:06

Руската вакцина во Јужна Америка – од надеж до разочарување

Аргентина беше првата јужноамерикаска држава, кој во декември 2020 година почна со имунизација на населението против Ковид-19 со руската вакцина Спутник В, а потоа беше следена од другите земји во регион. Но, недостигот на втора доза претсатвува притисок врз владите и разочарување на населението.

„Ја примив вакцината Спутник В на 21 април и се уште ја чекам втората доза!“, се пожали Јозефина Бермудез, 72-годишна жителка на Буенос Аирес, чија земја е една од првите во светот што дозволила руска вакцина.

Оттогаш, десетина земји од Јужна Америка се потпираат на вакцината, развиена од московската лабораторија „Гамалеја“, што ги зголеми надежите во Јужна Америка, која се соочува со тешкотии во снабдувањето.

Но, тие исто така се соочија со значителни одложувања во снабдувањето со втората доза, што делумно ги поткопа нивните кампањи за имунизација, при што голем дел од населението чека целосно да се вакцинира.

Бидејќи, за разлика од другите вакцини со две дози против Ковид-19, Спутник В е единствената дизајнирана со „хетероген засилувачки пристап“, со други зборови, содржи два различни аденовируси во секоја од дозите.

Затоа, првата и втората доза не се заменливи, што сериозно го ограничува просторот за маневар на владите.

„Имам чувство дека сум измамен. Имам многу пријатели, соседи на кои им се јавија, како мене, да им ја дадат првата доза, а сега ја чекаме втората“, рече Нореида Хернандез, 56-годишна учителка, која живее во Маракаибо, Венецуела.

Сите центри за вакцинација во Ла Паз секогаш имаат иста порака: Втората доза на вакцината Спутник В е „одложена до втората нарачка“.

„Ни здосади, доаѓаме да прашаме и секогаш ни го кажуваат истото: Владата треба да не информира. Но, што ќе каже Владата, кога не знае ништо“, рече Херман Аларкон, 70-годишен Боливиец.

Во повеќето од овие земји, владите го продолжија интервалот помеѓу двете дози, од 21 на 90 дена. Но, ова не го реши проблемот со константниот недостиг на вакцини.

Проблемот ќе биде решен во август?

Друг проблем: Бидејќи Спутник В беше една од првите вакцини достапни во Јужна Америка, првично беше наменета за здравствени работници и постари лица, најранливите категории.

Хозефина Бермудез оценува дека ситуацијата е апсурдна бидејќи, за разлика од неа, нејзиниот 25-годишен внук сега е целосно имунизиран со кинеската вакцина Синофарм, чии две дози му беа дадени во рок од три недели.

Со оглед на одложувањето на испораките, Аргентина (со 45 милиони жители) се обидува да ја замени втората доза на Спутник В со други достапни вакцини: Астра Зенека, Синофарм и Модерна.
Гватемала (со 17 милиони жители), од своја страна, избра да го откаже купувањето на осум милиони дози, половина од првобитната нарачка.

Вчера, Русија се обиде да ги смири духовите со уверување дека Спутник В наскоро ќе биде произведен од Индискиот институт за лабораториски серуми, најголемиот светски производител на вакцини.

„Поради големото зголемување на капацитетот за производство на вакцини, привремените одложувања во испораката на втората компонента ќе бидат целосно решени во август“, се наведува во соопштението на Фондот за директни инвестиции на Русија, кој го финансира развојот на Спутник В.

„Испораките на вакцината во Гватемала продолжуваат“, соопшти Фондот, додавајќи дека половина од испорачаните количини ќе бидат вакцини Спутник лајт, за кои е потребна само една доза.

Во исто време, беа потпишани договори со лаборатории во Аргентина и во Мексико за локално производство на Спутник В.

Во Аргентина, приватната лабораторија „Ричмонд“ планира да испорача околу три милиони од втората доза пред крајот на месецот, откако објави дека првите примероци ја поминале контролата за квалитет.

Во Мексико, државната лабораторија „Бирмекс“ соопшти дека првичните подготовки се завршени и оти се планира да добие одобрение од руската лабораторија во рок од дваесет дена.

Производите на „Бирмекс“ ќе бидат наменети првенствено за Мексико, а подоцна може да се извезат и во други земји во регионот.