Свет
30. December 2020 - 11:12

Руската вакцина Спутник V денес пристига во Србија

Првиот дел од руската вакцина „Спутник V“ ќе пристигне во Србија до крајот на оваа недела, соопшти владината прес-служба на Србија, по видео-конференцијата помеѓу српската премиерка, Ана Брнабиќ и рускиот министер за индустрија и трговија, Денис Мантуров.

Рускиот министер и` потврдил на Брнабиќ дека првиот дел од вакцините за лабораториска контрола, во количина од 20 дози, во Србија ќе стигне до крајот на оваа недела.

Брнабиќ изјави дека Владата на Србија, заедно со Претседателот Вучиќ, работи на тоа што е можно поскоро да им биде достапна на граѓаните на Србија вакцината против коронавирус, објави владината канцеларија за соработка со медиумите.

Брнабиќ посочи дека целта е граѓаните да можат да изберат која вакцина ќе ја примат, во согласност со препораките и одобренијата на надлежните здравствени установи на Србија.

Премиерката додаде дека Србија е заинтересирана да ја разгледа можноста за заедничко производство на вакцина против ковид-19.

На денешната видео конференција присуствуваше и амбасадорот на Руската Федерација во Србија, Александар Бокан Карченко, раководството на Министерството за здравство на Руската Федерација, Рускиот фонд за директни инвестиции и претставници на Министерството за здравство и други надлежни здравствени установи на Србија.

Премиерката Ана Брнабиќ утре ќе го продолжи разговорот со претставниците на компанијата Фајзер.