Ракомет
23. јуни 2016 - 10:54

Русинот Кокшаров нов спортски директор на РК Вардар

Поранешниот руски ракометар Едуард Кокшаров, носител на златен светски и олимписки медал со селекцијата на Русија ќе биде новиот спортски директор на РК Вардар.
 
Кокшаров има настапувано за екипите на СКИФ Краснодар, Пивоварна Целје (Словенија) и Чеховски Медведи. Со екипата на Целје Пивоварна стана европски првак во ЛШ во 2004 година, а деветпати и првак на Словенија во периодот од 1999 до 2008 година.
 
„Ангажирањето на личност како Кокшаров очекуваме да донесе нов квалитет на организациски план во Вардар. Ние сме подготвени да учиме и да ја реализираме секоја нова идеја што може да донесе подигање на нивото на квалитет не само во играта туку и на сите други полиња во Вардар. Нашиот клуб секогаш е отворен за искусни луѓе кои можат на било каков начин да помогнат во реализирање на поставените цели. Едуард Кокшаров се вклопува во нашиот систем и верувам дека ќе можеме набрзо да ја видиме придобивката од нашата соработка“, изјавил Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.
 
На репрезентативен план најголемите успеси на Кокшаров со репрезентацијата на Русија се златниот медал на Олимпијадата во Сиднеј 2000 година, и бронзата во Атина 2004 година. Како дел од СП 1997 година го освоил златнот медал со Русија, а бил и светски вицепрвак во 1999 година и европски во 2000 година.