Македонија
10. јуни 2021 - 16:53

Русија со контра мерка за Македонија: Протеран еден од двајцата дипломати од амбасадата во Москва

Македонската амбасада во Русија остана само со в.д. амбасадор. Москва го возврати ударот и протера еден од вкупно двајцата македонски дипломати. Руското министерство за надворешни работи утрово информираше дека вработен во македонската амбасада е прогласен за персона нон грата, како одговор на протерувањето на рускиот дипломат од земјава пред еден месец. 

Вршителот на должност амбасадор на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Чаушевска-Димовска, беше повикана во руското Министерство за надворешни работи на 10 јуни, каде што ѝ беше врачена нота со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за персона нон грата“, стои во соопштението на руското МНР.

Министерот Османи преку Твитер изрази жалење за потегот на Москва. 

Ова е само возвратна политичка одлука. Ова несомнено ќе влијае негативно на билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Руската Федерација, напиша шефот на македонската дипломатија.

Слична порака испрати и МНР преку писмено соопштение во кое потврди дека дипломат атеше вработен со македонската амбасада во Русија се враќа назад, како резултат на политички мотивирана одмазда.

Москва ја најави оваа реципроцитетна мерка по протерувањето на руски дипломат од земјава на 14 мај. Како причина државниот врв посочи активности кои се спротивни со однесувањето кое се очекува од странски дипломат, но повеќе детали не се откриваат.