Свет
27. February 2018 - 11:29

Русија: Сириските бунтовници го гранатираат хуманитарниот коридор

Русија ги обвини сириските бунтовници дека го гранатираат хуманитарниот коридор за евакуација на цивилите од Источна Гута, објави руската новинска агенција ТААС, повикувајќи се на руски воени извори.

Сириската државна новинска агенција САНА јави дека борци на поранешниот огранок на Ал Каеда во Сирија, Џебхат ал Нусра (Фронт на победата) стрелале врз хуманитарниот коридор. Во инцидентот нема настрадани лица.

Џаиш ал Ислам (Армија на исламот) една од основните бунтовнички групи во Источна Гута негираше дека го напаѓа хуманитарниот коридор и оти ги спречува цивилите да заминат од енклавата.

Во Источна Гута денеска почна првото петчасовно хуманитарно примирје во Источна Гута. Прекинот на огнот е од девет до 14 часот по локално време. 

Според интерпретацијата на Русија и на Иран, главните сојузници на сирискиот претседател Башар ал Асад, примирјето не се однесува на бунтовничките фракции во Источна Гута односно за Џебхат ал Нусра и за Исламска држава

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу вчера изјави дека по наредба на претседателот Владимир Путин од денеска во енкллавата Источна Гута се воведува секојдневен петчасовен хуманитарен прекин на огнот. Прекинот на огнот е со цел да се избегнат цивилни жртви. За извлекување на цивилите од Источна Гута предвидено е да биде отворен хуманитарен коридор.

Повеќе од 500 луѓе загинаа во нападите во реонот на Источна Гута, а активистите во неделата соопштија дека се сомневаат дека бил извршен и напад со отровен гас.

Источна Гута е предградие на Дамаск, кое од 2013 година е под контрола на бунтовниците. На оваа територија, опколена од владините сили, живеат околу 400.000 лица.

Советот за безбедност на Обединети нации во саботата едногласно усвои Резолуцијата 2401 со која се бара 30-дневно примирје ширум Сирија за да се овозможи пристап до хуманитарната помош и медицинска евакуација. 

Сириската опозиција рускиот предлог за секојдневно петчасовно хуманитарно примирје во Источна Гута го оцени како искривување на резолуцијата на ОН.