Свет
1. November 2016 - 9:02

Русија претставува закана за Велика Британија, според шефот на британското разузнавање

Русија претставува растечка закана за стабилноста на Велика Британја и ги користи сите современи средства, со кои располага за да ги постигне своите цели, изјави шефот на британската разузнавачка служба МИ-5, Ендрју Паркер во интервју за весникот „Гардијан“. 

Актуелен шеф на МИ-5 прв пат во 107-годишната историја на службата денеска даде интервју за весник, нагласува „Гардијан“.

Според Паркер во време во кое вниманието во голема мера се фокусира на исламскиот екстремизам, расте заканата од шпионските дејности на други земји, најмногу од Русија.

- Таа ги користи сите државни органи и власти за да ја протурка својата надворешна политика зад границите на се поагресивни начини, вклучувајќи пропаганда, шпионажа, субверзивни активности и кибернапади. Русија дејствува денес од цела Европа и Велика Британија. Работата на МИ-5 е да ги спречи тие дејствија, изјави шефот на британското разузнавање.

Според него Русија се уште располага со многу разузнавачи во Велика Британија, но разликата од времето на Студената војна е тоа што сега голем удел има кибершпионажата.

- Она што Русија сака да го дознае се воени тајни, информации за индустриски проекти, за сите сфери на економијата, за активностите на Владата и за надворешната политика на Велика Британија, додаде Паркер. 

На прашањето зошто одлучил јавно да зборува Паркер рече: „Ние признаваме дека во светот кој се менува ние исто така треба да се менуваме. Имаме одговорност да говориме за нашата работа и да ја појаснуваме“.