Свет
29. March 2016 - 8:46

Русија подготвува 10.000 медали за војниците кои учествуваа во операцијата во Сирија

Руското Министерство за одбрана нарачало над 10.000 медали, со кои ќе ги награди војниците кои учествувале во операцијата во Сирија, пренесува БТА.

Договорот, објавен на Интернет од страна на Министерството за одбрана, покажува дека нарачката на 10.300 медали земјата ќе ја чини 2,2 милиони рубљи (28. 900 евра). Овој податок овозможува да се измери големината на руската операција во Сирија, што почна на 30 септември минатата година.

Кремљ постојано негираше дека води копнена операција во Сирија паралелно со изведувањето на воздушните напади и не го кажа бројот на разместени војници во оваа земја. Русија, меѓутоа, го призна испраќањето специјални сили на теренот, пренесува БТА.

Новинарите на француските медиуми, меѓутоа, забележале руски војници на артилериските позиции во близина на античкиот град Палмира, кои силите на сирискиот режим си го повратија во неделата.

Според фотографии на социјалните мрежи, на медалите се изгравирани воен брод и авиони. Наградените војници медалите ќе ги добијат „за своето учество во воената операција во Сирија“, наведува истиот извор.

Според официјални податоци, од почетокот на воздушната кампања во Сирија петмина руски војници го загубија животот.

На 14 март рускиот претседател Владимир Путин го соопшти повлекувањето на поголемиот дел од руските вооружени сили од Сирија.