Свет
19. March 2017 - 9:12

Русија планира нови разговори за решавање на конфликтот во Авганистан

Русија планира нови разговори за конфликтот во Авганистан кои би се одржале на 14 април во Москва, изјави Мохамад Ханиф Атмар, советник за безбедност на авганистанскиот претседател Ашраф Гани.

САД се поканети на средбата. Советникот додаде дека не исклучува можност за учество на талибанците во разговорите. Тој вели дека неговата влада е подготвена за директни преговори со нив.

Во февруари Русија организираше разговори , но во нив не учествуваа западни држави туку само претставници од Пакистан, Индија, Кина, Авганистан и Русија.

На новите разговори се поканети 12 држави меѓу кои и САД како и пет поранешни советски централноазиски републики.