Свет
18. May 2016 - 8:29

Русија: Немаме база во Палмира, само привремен камп

Руското Министерство за одбрана ги нарече лажни медиумските тврдења дека Русија наводно отвора воена база во древниот сириски град Палмира, јави ТАСС.

Портпаролот на Министерството, генерал мајор Игор Конашенков тврди дека во Палмира се наоѓа само привремен камп за воени инженери, кои таму учествуваат во чистењето на градот од мини.

Претходно, Иницијативата за културно наследство при американската Школа за ориентални истражувања објави дека руската војска гради воена база во градот во централна Сирија и тоа во зона, која е под заштита на УНЕСКО.

Оваа американска институција објави сателитски снимки, на кои се гледа градилиште во северниот дел на древниот град, кој го оштетиле борците од ИД.

Сириските сили, со поддршка на руските воздушни сили во март ја презедоа Палмира од силите од ИД.