Свет
23. March 2022 - 12:24

Русија не запира со гранатирање на Украина

Денеска се комплетираат четири недели од почетокот на руската воена инвазија во Украина но прекин на огнот во блиска иднина се уште не е на повидок. Властите во Киев јавуваат за 8 повредени цивили во гранатирањето на Киев и Харков. За денеска пак се договорени девет нови безбедносни коридори за извлекување на цивилното население од загрозените региони но ниту еден не е предвиден за Мариупол. Поради ова украинскиот претседател Зеленски во своето последно обраќање истакна дека 100.000 цивили од овој град кој е опколен од руските воени сили се на работ на преживување. 

- Речсии 100.000 луѓе во нечовечки услови се заробени во урнатините на Мариупол. Во состојба на целосна опсада без храна, вода, лекови под постојано гранатирање, поради тоа се обидуваме да издејствуваме коридор за нивно ослободување, но руските воени сили го рушат секој наш обид за тоа. Се врши гранатирање на цивилни цели и се врши невиден терор, рече меѓудругото Зеленски.

Руската страна пак вели дека станува збор за украински војници и поради тоа повторно побара нивно предавање. Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков пак истакна дека обвинувањата дека Русија ќе користи нуклеарно оружје се неосновани но потенцираше дека до тоа може да дојде само во случај да биде загрозен постоењето на Русија бидејќи само во тој случај концептот за безбедност на руската федерација го предвидува тоа. 

А откако минатата недела Полска објави дека официјално ќе го проследи барањето за мировна мисија во Украина на следниот самит на НАТО шефот на руската дипломатија Лавров посочи дека тоа ќе резултира со директен воен конфликт меѓу Алијансата и Русија. 

- Се надевам дека разбираат за што зборуваат. Тоа би бил директен конфликт меѓу Русија и НАТО кој не само што сите сакаат да го избегнат туку тие исто така велат дека во принцип тоа не треба да се случи, рече Лавров.

Москва продолжи со обвинувањата кон Киев за застој на мировните преговори со тоа што даваат предлзи неприфатливи за Русија.