Свет
21. December 2017 - 18:55

Русија ќе има поморска база во Сирија уште 49 години

Рускиот Парламент денеска гласаше за продолжување на закупот на поморската база во Сирија за уште 49 години, откако рускиот претседател Владимир Путин најави делумно повлекување на руските трупи од земјата.

Државната Дума гласаше за ратификување на договорот со Сирија, поднесен од Путин, со кој Русија ќе ги задржи своите воени бродови во медитеранската база во Тартус уште 49 години.

Тој договор, исто така, и овозможува на Русија да ги задржи таму 11-те бродови истовремено, вклучувајќи ги и нуклеарните бродови.

Русија оперира и во воздухопловната база во крајбрежниот регион на Сирија, кој е упориште на сирискиот претседател Башар ал Асад од почетокот на конфликтот во март 2011 година.

Путин пред извесно време наложи делумно повлекување од Сирија, но рече дека Русија ќе го задржи таму своето воено присуство.