Свет
26. September 2015 - 11:35

Русија и Украина се договорија за доставување гас за зимскиот период

Претставници на Русија, Европската унија и Украина ја парафираа вчера спогодбата, со која треба да се обезбеди доставување руски гас за Украина во текот на зимскиот период.

Тие напоменаа дека документот е рамковен и оти конечниот потпис треба да се стави за една недела, јави ТАСС.

- Должен сум да нагласам дека со големо задоволство штотуку ја парафиравме спогодбата за гас за зимскиот пероод. Сите технички детали се усогласени и создадени се рамковни услови. За потврдување и потпишување потребна е посебна процедура, изјави заменик-претседателот на Европската комисија, Марош Шефчович по петчасовните преговори во Брисел. 

Русија успеа да го заштити условот цената на гасот за зимскиот период да се опредлеува на три месеци. „Газпром“ од своја страна нема го спроведува условот „земи и плати“ во зимскиот период 2015-2016 година, како што беше во претходниот зимски пакет, што ќе и овозможи на Украина да ги избегне санкциите поради недоволно земени количини на гас. 

Руската страна поради нестабилноста на цената на гасот побра таа да се определува однапред за три месеци, а не за целиот шестмесечен зимски период.

Шефчович изјави дека цената на гасот за Украина со отстапката ќе изнесува 232 долари за илјада кубни метри. 

Русија бара и европски гаранции за финансирање на доставките на гас за Украина. Парафираната спогодба предвидува Киев да добие 500 милиони долари од меѓународни финансиски институции во рамки на гаранцијата од ЕУ. Доставките почнуваат на 1 октомври. 

Во моментов во подземните складишта за гас во Украина има над пет милијарди кубни метри гас. Земјата минатата зима ја помина со резерви од 16 милијарди кубни метри.