Свет
23. July 2021 - 8:29

Русија ги казни Фејсбук и Телеграм за неотстранета спорна содржина

Рускиот суд ја казни социјалната мрежа Фејсбук со шест милиони рубли или 81.350 американски долари и апликацијата за пораки Телеграм со 11 милиони рубли затоа што не отстраниле нелегална содржина.

Во последните месеци Москва презеде чекори за регулирање и ограничување на моќта на социјалните мрежи и технолошките гиганти, воведувајќи помали казни за нелегална содржинаистовремено обидувајќи се да ги принудат странските компании да ги отворат своите канцеларии во Русија и да складираат податоци на Русите на руска територија 

Судот во Москва во областа Тагански соопшти дека го казнил Фејсбук со шест милиони рубли за две различни административни прекршоци врз основа на обврската на сопствениците на веб-страниците да бришат недозволени информации.

Телеграм е казнет за три различни прекршоци, соопшти судот.

Фејсбук и Телеграм сè уште не ги коментираа пресудите.

Се очекува рускиот суд да донесе пресуда и за две слични обвиненија против Твитер.

Русија го казни Твитер во април за отфрлање на барањата за бришење твитови во кои кон средината на јануари се повикуваат младите да протестираат против апсењето на Алексеј Навални, критичарот на Кремљ, со вкупно 118.000 американски долари, а содржината на таа мрежа од тогаш во Русија бавно се вчитува.