Бизнис
7. February 2019 - 19:31

Рудиниците ќе плаќаат повисоки концесии

Концесионерите на рудници бараат правична пресметка на надоместок за експлоатација на рудно богатство. Се изготвува нов тарифник, што ќе важи од следната година. Владиниот предлог е надоместокот да се покачи за 75%. Концесионерите се согласни со повисоките давачки но, очекуваат тој што експлоатира побогата руда да плаќа повеќе.

“Сега е 2% од берзанската вредност на металичните производи. Првичниот предлог на Владата е да изнесува 3,5%, што е многу. Ние ќе се залагаме да има некоја загарантирана ставка за државата која што практично обезбедува егзистенција на државните институции, а другиот дел да биде варијабилен зависно од тоа кој што експлоатира”, вели Николајчо Николов, претседател на Македонска асоцијација за рударство.

Освен за процентот, Владата и концесионерите преговараат и за начинот на пресметка на давачките. Според анализите, надоместоците во Македонија се многу пониски од останатите земји. Во буџетот по тој основ годишно се слеваат меѓу 8 и 10 милиони евра.

“За нас тоа е малку и ние мислиме дека тоа треба да се зголеми имајќи предвид дека овие концесионери користат општо добро што е на сите граѓани на Република Македонија. Сигурен сум дека ќе биде вин-вин ситуација и за инвеститорите, во овој случај концесионерите, и за државата”, вели Крешник Бектеши, министер за економија.

78% од надоместокот што го плаќаат концесионерите е наменет за општините во кои делуваат, а остатокот оди во државниот буџет. Средствата се наменети за подобрување на животната средина, здравството и образованието.