Свет
27. February 2025 - 17:51

Рубио: САД нема да дозволат Русија да стане „помлад партнер“ на Кина

Кога Русија зависи од Кина тоа е проблем за САД, вклучително и во областа на нуклеарната безбедност, затоа Вашингтон сака да ги подобри односите со Москва, изјави државниот секретар Марко Рубио во интервју за Breitbart News, со тоа оправдувајќи го приближувањето меѓу двете, досега скарани супересили.

За Рубио и новата администрација во Вашингтон, односите меѓу Русија и Кина не треба да бидат толку блиски. САД треба да спречат нивно понатамошно приближување, но без да се предизвика раздор меѓу соседите што поседуваат нуклеарно оружје.

-Не знам дали некогаш целосно ќе успееме да ја одделиме Русија од Кинезите. Исто така, мислам дека ако Кина и Русија останат во цврста прегратка, тоа нема да биде добро за глобалната стабилност, бидејќи двете се нуклеарни сили. Потесните врски меѓу Кина и Русија ќе претставуваат проблем за Вашингтон доколку Москва стане „постојан помлад партнер“ на Пекинг, бидејќи тогаш двете нуклеарни сили би се спротивставиле на САД. Можеме да се најдеме во ситуација кога, без разлика дали Русија сака да ги подобри односите со САД или не, таа нема да може да го стори тоа, бидејќи, откако ние ја отсековме, станала целосно зависна од Кинезите. За нас е подобро да имаме односи (со Русија), појасни Рубио.

Неочекуваното приближување на Трамп со Русија меѓу кинеските експерти предизвика загриженост дека Вашингтон ја прифатил стратегијата „Никсон наопаку“, изјави за Фајненшл тајмс Джа Јан Чон, доцент по политички науки на Националниот универзитет во Сингапур. Ова се однесува на одлуката на американскиот претседател Ричард Никсон од почетокот на 1970-тите години за обнова на односите со Кина со цел да изврши притисок врз нивниот заеднички ривал – Советскиот Сојуз. Овој пат, идејата е да се ослаби самата Кина со нејзина „разделба“ од Русија.

Томас Грем, поранешен виш директор за Русија во Советот за национална безбедност на САД, смета дека администрацијата на Трамп веројатно нема да успее да ја поткопа долгорочната стратегија на Москва за зајакнување на партнерството со Пекинг.

-Си Џинпинг и Путин постојано разговараат. Тие се најдобри пријатели. Идејата дека ако им ја дадеме Украина на Русите и сè друго што тие сакаат во Европа и тие потоа да кажат: „Размисливме и одлучивме дека не ни се допаѓаат Кинезите толку многу,  ги прекинуваме врските со нив – е чиста заблуда, изјави Грем за весникот.