Македонија
23. December 2017 - 10:52

РСБСП предупредува: Граѓаните да не возат во алкохолизирана состојба

Возењето во алкохолизирана состојба е една од водечките причини за сообраќајни незгоди со загинати и со повредени лица, потсетуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и во пресрет на новогодишните празници апелираат граѓаните да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол.

Притоа од РСБСП, покрај за опасноста од управувањето моторни возило под дејство на алкохол и за предвидените законски санкции за пијаните возачи, ги потсетуваат возачите и на законските санкции.

Оттаму посочуваат возачите секогаш да имаат на ум дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, делува на централниот нервен систем и ја намалува способноста за рационално расудување, дека лицата во алкохолизирана состојба, особено младите, се склони кон преземање ризик и кон агресивно однесување во сообраќајот. 

Според законот за безбедност на сообраќајот и патиштата, возачот не смее да управува со возило во сообраќај на патот, ниту да започне да управува со возило, ако е под дејство на алкохол. Под дејство на алкохол се смета лице за кое ќе се утврди дека содржината на алкохол во крвта изнесува повеќе од 0.50 г/кг.

Казните се движат од 200 до 500 евра во зависност од висината на нивото на алкохол во крвта, како и забрана за управување со возило од три до 12 месеци.

- Анализите покажуваат дека сообраќајните незгоди предизвикани од возачи кај кои е потврдено присуство на алкохол во организмот, најчесто завршуваат со смрт или со тешки последици по здравјето на поединецот, се вели во соопштението од РСБСП.