Македонија
7. March 2016 - 14:03

РСБСП: Неоправдани стереотипите за жените како лоши возачи

Не е оправдана генерализацијата од кој било тип за возачите без оглед дали се жени и мажи,  оценуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во пресрет на меѓународниот ден на жената - 8 Ми Март и стереотипите за жените возачи.

- Сите активности кои се реализираат од страна на РСБСП се насочени кон сите учесници во сообраќајот, а склоноста кон одговорно, односно неодговорно учество во сообраќајот, ја детерминира како индивидуална. Генерализацијата од кој било тип не е оправдана, но ќе потенцираме дека некои истражувања покажуваат, традиционално, жените се повеќе наклонети кон почитување на правилата и прописите, од кој било вид, вклучително и сообраќајните, иако и овој стереотип континуирано се руши, вели Сања Саздовска, член на РСБСП.

Искуствата, посочува Саздовска, покажуваат дека многумина се изненадени од способноста на некои жени, рамноправно да учествуваат во сообраќајот, да бидат одговорни возачи, да возат во „рикверц“, да паркираат „парарелно“, со што се потврдува фактот дека жените практично немааат никаква пречка да бидат добри возачи. 

- Секојдневно гледаме примери на успешни жени-возачи, кои не само што го побиваат стереотипот на „жената како лош возаач“, туку тоа им е професионална определба и се потврдуваат како добри возачи на такси возила, автобуси, па дури и на камиони, наведува Саздовска.

Појавата на автомобилот, историско-општествените услови за живот, кои владеат во тоа време и улогата која жената ја имала тогаш во општеството, неминовно ја дистанцираат жената од можноста да биде рамноправен учесник во сообраќајот, како возач. На почетокот, потсетуват од РСБСП, возењето било ограничено само на богатите и на мажите. Развојот на општествените процеси, потреби и рушењето на бариерите за улогата на жената во општеството ја наметнува можноста и потребата жените да бидат активни учесници во сообраќајот т.е. активни возачи. - Не постојат многу информации за првите жени-возачи, но сепак, Loeper (1980:53), наведува дека првата жена-возач била Genevra Mudge од Њујорк, во декември 1899 година. Иако, на почетокот тоа било привилегија само на богатите жени, важно е да се потенцира дека со тоа всушност започнал процесот на рушење на бариерите во општеството и рушење на стереотипот за жените како лоши возачи, односно започнал процесот за докажување на способноста на жените за движење со моторни возила, без машко друштво, и покрај тоа што на почетокот физичките карактеристики на автомобилот не биле соодветни на потребите на жените-возачи, наведува Саздовска.

Со текот на времето, како што вели, автомобилот од машка машина се трансформирал во машина со унисекс природа, бројот на жени-возачи континуирано растел, а сето тоа имало огромно влијание во унапредувањето на улогата на жената во општеството и подобрување на нејзиниот општествен статус. 

- И покрај тоа што жените денес се рамноправни и докажани на сите полиња, па и во сообраќајот, сепак, за жал, сè уште постојат поединци, и мажи и жени, кои сметаат дека жените имаат ограничен капацитет да управуваат возило, недостаток на способност да се грижат за себе, дека имаат „деликатни физички и емоционални карактеристики за да бидат добри возачи“,  дека носат погрешни одлуки во услови на криза и опасност, дека не можат брзо да одлучуваат итн, вели Саздовска. 

Таа порачува дека на жените, на времето и на иднината, останува да го разбијат и последниот атом од овој стереотип, затоа што, како што вели, некои истражувања покажувааат дека жените-возачи прават помалку фатални грешки во сообрaќајот, во споредба со мажите. Историски, мажите имаат управувано повеќе возила од жените, но и овој тренд полека се менува со текот на времето, затоа што бројот на лиценцирани жени-возачи се зголемува и сето ова брзо ќе  ја промени статистиката, посочуваат од РСБСП и порачуваат до сите да возат одговорно и да ги почитуваат сообраќајните правила.