Македонија
3. September 2018 - 11:01

РСБСП апелира во новата учебна година, со заеднички сили до поголема безбедност на децата

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП) апелира до возачите внимателно да ги управуваат своите автомобили особено во зоните каде што има градинки и училишта. РСБСП на сите ученици им посакува успешна учебна година и ги потсетува безбедно, внимателно и одговорно да учествуваат во сообраќајот. 

РСБСП ги потсетува возачите за секојдневната пракса во која децата неочекувано истрчуваат на улица, како и на законската обврска, во зона на училиште и градинка, да се намали брзината на движење и да се зголеми будноста и внимателноста.

- Безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност на возрасните, посочуваат од таму.

Во соопштението од РСБСП се наведува фактот дека повеќе од познат е фактот дека, деца помлади од 12 години, недоволно ја проценуваат оддалеченоста на автомобилите и потребното време да ја преминат улицата.

- Исто така, познато е дека децата знаат да бидат темпераментни и невнимателни. Децата влегуваат во една од ранливите групи учесници во сообраќајот, која е и најризична бидејќи децата се едниствените без животно и сообраќајно искуство и не ги разбираат опасностите што им се закануваат во сообраќајот! Затоа, грижата на возачите за нивното безбедно движење во сообраќајот, треба да биде максимална!, посочуваат од РСБСП.

РСБСП ги потсетува родителите дека личниот пример на децата на кој тие секојдневно се огледуваат и дека треба безусловно и целосно да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот.

- Стастистичките податоци покажуваат дека децата многу често страдаат во сообраќајни незгоди како патници. Во таа насока, РСБСП потсетува на законската обврска според која, деца кои немаат полни 12 години, не смеат да се превезуваат на предното седиште, како и за обврската за користење сигурносен појас на сите седишта и детско седиште за деца на возраст до 5 години (дури и тогаш кога возењето трае кратко), се посочува во соопштението. 

Од РСБСП потенцираат дека секој одговорен родител, покрај останатите обврски, со почетокот на учебната година, должен е на своето дете да му го покаже и да му го повтори најбезбедниот пат од училиште до дома, да му посочи на детето за потенцијалните ризици и закани во сообраќајот и да му ги објасни и повтори најважните правила и прописи во сообраќајот. За дополнителна заштита на децата, во ноќни услови и во услови на намалена видливост, се препорачува носење светла облека, користење рефлектирачки материјали на облеката, училишните торби и слично.

РСБСП препорачува децата кои одат во училиште сами, без придружба на родител или на друго возрасно лице, да користат безбедни пешачки рути и секогаш да се движат по тротоарот. При преминување на улицата, секогаш да користат обележани пешачки премини, така што прво ќе погледнат лево, па десно и пак лево, пред да зачекорат на улицата. Секогаш да се присетуваат на советите од родителите и наставниците. Во населени места, да се движат по тротоар или по патека за пешаци. Доколку ја нема, тогаш треба да се движат што е можно поблиску до работ на коловозот. 

- Учениците, кога патуваат со автобус, по излегувањето од автобусот, секогаш треба да почекаат прво да помине автобусот, па дури потоа да ја преминат улицата. Трчање на улица пред или зад автобусот е многу ризично и опасно. Децата треба да знаат дека, не смеат да излегуваат на улица кога се движат меѓу паркирани автомобили бидејќи се пониски од нив и возачите не можат да ги забележат пред да излезат на патот. Децата треба секогаш да бидат внимателни кога се движат на улица или по тротоар, се наведува во препораката од Републичкиот совет.