Македонија
29. April 2016 - 12:33

РСБСП апелира на совесно и одговорно однесување во сообраќајот

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), по повод предстојните празници, апелира учесниците во сообраќајот совесно и одговорно да се однесуваат.

- Соодветната подготовка за патувањето, проверката на возилото, совесното, одговорното и дисциплинираното однесување и почитување на правилата и проописите во сообраќајот од страна на сите учесници е единствена гаранција за безбеден сообраќај, велат од РСБСП.

Апелираат учесниците во сообраќајот пред тргнување на пат, задолжително да ја проверат техничката исправност на возилото, да се информираат добро за состојбата на делницата по која ќе патуваат, да обратат особено внимание на делниците на патиштата на кои се одвиваат градежни работи и да бидат стрпливи на граничните премини и патарините.

- Управувањето на моторно возило со брзина поголема од дозволената и под дејство на алкохол сигурно ќе има несакани последици, а во најдобар случај ќе биде проследено со парична казна и времено одземање на возачката дозвола, додека во најлош може да чини живот или телесен инвалидитет, нагласуваат од РСБСП.

Потенцираат дека зголемената фреквенција на сообраќај за време на празниците бара посебно внимание, концентрација и посветеност додека се вози и затоа препорачуваат мобилните телефони и останатите уреди кои го одвлекуваат вниманието задолжително да се остават на страна, секогаш да се користи безбедносен појас и детско седиште.

- Почетокот на новата сезона е посебен предизвик за мотоциклистите. Покрај техничката проверка на моторот, важно е да се повторат сообраќајните правила и прописи, а особено правилата за ограничување на брзината и обврската за задолжителна употреба на кацига како за возачите така и за совозачите. Пешаците и велосипедистите, како најранливи учесници во сообраќајот, да бидат внимателни, совесно да се однесуваат во сообраќајот и целосно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи кои се однесуваат на нив како учесници во сообраќајот. Посебно важно е да се користи опрема за пасивна безбедност и светла облека или рефлектирачко елече во ноќни услови и во услови на намалена видливост, посочуваат од РСБСП.

Оттаму потенцираат дека анализите и статистичките податоци од почетокот на годината покажуваат дека во изминативе четири месеци 41 лице го загубиле животот во сообраќајни незгоди и оти за време на викендите и продолжените празници се случуваат најмногу од сообраќајните незгоди со фатални последици.