Македонија
10. March 2019 - 16:51

Роза Мојсовска - една од ретките лица која слика и пишува поезија со уста

Роза Мојсовска е позната во земјата, но и надвор од неа како една од ретките која слика со уста. Но таа е и поет, а своите песни ги пишува на истиот специфичен начин како што ја пренесува и бојата на сликарското платно од кое создава уметност.

Има напишано пет книги со песни, а сега сите пет ги собра во една со едноставен наслов ,,Стихозборка,,  во издание на струмичката библиотека Благој Мучето.  Нејзина водилка низ животот е вербата во бог кој  и дава сила да твори и да ја покаже нејзината дарба.

Јас претежно пишувам духовна поезија за мојот спасител господ Исус Христос. Затоа што он ми помогна, ми даде дарба да цртам и да творам.- вели Роза Мојсовска автор на книгата.

Роза Мојсовска скоро три дeцении  живее во заводот во Бања Банско.Целиот нејзин живот го поминала во количка, но тоа не ја спречува да твори. Слика и пишува од љубов, но истовремено своето творештво сака да го искористи и да прати порака до сите во општеството дека и лицата со хендикеп знаат и можат.

Сакам да им кажам на луѓето дека без разлика какви сме, ние сме сепак луѓе и можеме многу да работиме без разлика што сме вака со телесен хендикеп.Ние умееме на било каков начин да работиме.- вели Мојсовска

Роза Мојсовска најавува дека продолжува и понатаму да создава нови дела. Следното што сака да го напише е роман во кој ќе го опише нејзиниот живот.