Македонија
14. January 2016 - 10:40

Роудс: Македонија ќе биде тема на самитот на НАТО, но времето е кусо за нејзин прием

На брифинг за медиумите, Бен Роудс, заменик советник за национална безбедност на американскиот претседател Барак Обама, најави дека на самитот на НАТО во Полска во 2016 година ќе се дискутира и за македонската апликација за членство. Роудс најави дека времето до јулскиот самит е кусо за Македонија да може да очекува прием, на дека политиката на отворени врати за проширување на НАТО останува на сила.

- Ние ги поддржуваме аспирациите за членство и имаме политика на отворени врати. Има серија на конкретни чекори, дијалог со НАТО, кои се одвиваат пред да се комплетира членството. Мислам дека ова е процесот за кој ќе се дискутира во јули. Аспирантите за членство во НАТО честопати се дел од дијалогот на самитите, со цел да се разгледа напредокот кој е постигнат, и да се направи проценка до кдае е напредокот на земјите, како на пример Македонија, изјави Роудс на прашање на Македонската Телевизија за тоа дали Македонија може да се надева на покана за прием на самитот во Полска. Поради грчкото противење, министрите за надворешни работи на НАТО во рамките на нивните подготовки за самитот, решија да упатат покана до Црна Гора, додека поканата за Македонија остана врзана со обезбедувањето согласност од страна на Грција.

Во врска со приемот на Македонија во НАТО, Роудс додаде дека “за Македонија, временскиот рок до јули е многу краток, и процесот веројатно ќе се одвива преку подолг временски период”. 

Роудс беше прашан и за тоа дали САД планираат да ја засилат својата поддршка за проширување на НАТО на Балканот, вклучително и со Босна, имајќи ги предвид обидите на Русија да го зацврсти своето влијание во регионот и најавите дека може да и достави модерни противавионски ракетни системи на Србија. Роудс изјави дека американската администрација не го гледа проширувањето на НАТО како дел од старовремско пресметка на САД со Русија.

- На прашањето на Балканот, имајќи ја предвид улогата на САД во изминатите две децении во места како Босна и Косово, ние сме одблиску ангажирани. Едно е прашањето на тоа што имаме блиска безбедносна соработка со голем број држави. Постои загриженост околу тероризмот и миграциите на Балканот и во остатокот на Европа, и ова се прашања на кои сме постојано ангажирани. Исто така работиме да го поддржиме долгорочниот политички и економски успех на балканските земји, и САД инвестираа значителни напори во таа насока. Во врска со Русија и НАТО, многу важен принцип е дека земјите од регионот би требало да можат слободно да донесат одлука за својата иднина, за своите идни ангажмани, за своите идни односи со Европската Унија и со НАТО.

Искрено, не сметаме дека е во интерес на регионот да биде вмешан во соочување меѓу САД и Русија како во периодот на Студената војна, кога едната страна треба да победи а другата да загуби. Ова не е конструктивен пристап за регионот. Оттаму, одлуките за членство во НАТО не ги правиме имајќи ја предвид Русија, и не бараме натпревар со Русија за наклонетоста на одредени држави. Бараме исполнување на конкретните критериуми за членство во НАТО, како што се одбранбените капацитети на кандидатите, кои се нивните одбранбени потреби, дали има политичка и поширока поддршка за членството во НАТО? Тоа се јасните критериуми поставени во изминатите години кои ни овозможуваат да утврдиме дали некоја држава сака да влезе во НАТО, дали таа нација има капацитет да донесе одредена вредност кн Аијансата и дали нашиот сојуз ќе има целосна поддршка врз основа на принципот на консензус врз кој е засновано НАТО и со прифаќање на длабоките обврски кои произлегуваат од членот 5, изјави Роудс.