Македонија
2. February 2016 - 17:10

Рoт: Mакедонија и е потребна на ЕУ исто толку колку што и ЕУ и е потребна на Mакедонија

Нема повеќе време за губење, политичката криза мора да се реши веднаш, порача Михаел Рот, државен секретар во германското министерство за надворешни работи. Тој пред студентите на правниот факултет испрати јасна порака: на Македонија и треба Европската унија, исто колку што и на унијата и треба Македонија. Според Рот, исполнувањето на договорот од Пржино ќе ја врати земјава на патот кон Еу, но загрижува фактот што многу рокови од договорот досега се пропуштени, особено реформите во медиумите и прочистувањето на избирачкиот список.

-Мојата порака е завршете ја домашната работа. Времето тече. На 19 и 20 февруари очекуваме фер проценка со цел да одлучиме дали се можни избори на 24 април. При тоа не зборуваме за избори, туку за фер и слободни избори, рече Рот.

Рот тврди дека Германија останува посветена на ЕУ-интеграцијата на сите земји од регионот. изрази надеж дека мерките за градење на доверба меѓу Македонија и Грција можат да придонесат за изнаоѓање решение за спорот со името, кој со децении ја блокира земјава во европската интеграција.

-Многу е тешко на обичните граѓани во Европа да им се објасни овој спор, да се објасни дека проблем со име на земја стои на патот на европскиот прогрес на земјава, рече Рот.

Според Рот бегалска криза покажа колку е важна соработката меѓу европските земји. Во оваа насока Македонија докажала дека може успешно да се справи со овој предизвик и на бегалците да им пружи соодветен третман. Токму затоа, Рот порача дека Германија е подготвена да ја поддржи земјава во вид на хуманитарна помош, но тоа нема да значи политички попуст за Македонија во приближувањето кон Европската унија. Михаел Рот како државен секретар во германското министерство за надворешни работи доаѓа од Социјал-демократската партија на Германија, која е помал коалициски партнер на владата на Анѓела Меркел.