Балкан
23. May 2018 - 9:05

„Росијскаја газета“: Путин и Радев одлучија повторно да воспостават дијалог помеѓу Русија и Бугарија

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот бугарски колега Румен Радев одлучија повторно да го воспостават дијалогот меѓу двете земји, ја резимира „Росијскаја газета" вчерашната средба меѓу двајцата лидери,

Весникот потенцира дека двајцата претседатели „детално разговарале" во Сочи за односите меѓу Москва и Софија во различни сфери, вклучувајќи и за  проблематичните, пренесува БТА.

„Самиот факт дека таквите преговори се одвиваа е добар сигнал за обновување на руско-бугарските односи во целосен формат, се наведува во денешниот напис на рускиот весник.

Руските медиуми информираат дека на средбата било дискутирано за обнова на гасоводот „Јужен поток и ја издвојуваат изјавата на Радев дека веднаш по пристигнувањето во Сочи, Радев рекол дека сака да го „воскресне“ проектот.

Пред неколку години, Бугарите под притисок од ЕУ, го погребаа овој проект, крајно профитабилен за сите од економска гледна точка, и забранија Русија да го доведе гасоводот до бугарскиот брег. Во Бугарија останаа поставените цевки донесени за почетокот на изградбата, а Русија се пренасочи кон другиот крај на Црното Море и речиси го заврши „Турски поток", потсетува „Космолскаја правда“.

Според весникот, Путин на средбата истакнал дека во „последниве години Бугарија не направила посебен напор да се сврти кон Русија“. Истовремено, весникот ја истакнува енергетската сфера како приоритет во заедничките интереси.

„Најинтересно е дека Русија не ја  затвори вратата пред Бугарија, а одговарајќи на новинарско прашање, Путин рече дека проектот е се уште можен", објави весникот. „Космолскаја правда“ тврди дека Путин побарал „апсолутно челични гаранции од правна природа". Тој ветил дека ќе ги продолжи разговорите за нафтоводот со бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој ќе ја посети Москва за неколку дена, наведува рускиот весник.