Фудбал
11. July 2016 - 11:08

Роналдо: Ја заслуживме титулата

Капитенот на фудбалската репрезентација на Португалија, Кристијано Роналдо, истакнал дека освојувањето на европската титула со националниот тим му е еден од најсреќните моменти во кариерата.
 
Португалија, во неделата во Париз, ја освои првата титула во фудбалската историја на оваа земја. Португалците со голот на Едер постигнат во второто продолжение ја совладаа Франција.
 
„Ова е еден од најважните моменти во мојата кариера. Пресреќен сум. Долго чекав на ова, уште од 2004-та. Секогаш говорев дека би сакал да освојам трофеј со Португалија, да влеземе во историјата, а сега тоа се случи“, рекол Роналдо.
 
Капитенот на Португалија финалето, поради повреда на коленото, го напушти во 24-та минута.
 
„Португалскиот народ ова го заслужи, моите соиграчи го заслужија ова. За жал ситуацијата не беше добра за мене, но јас секогаш верував во моите соиграчи, во нивните квалитети и способности. Сакам да им се заблагодарам на сите соиграчи, на селекторот, на целиот стручен штаб, но и на сите Португалци кои не бодреа. Ова е единствен момент за мене и за сите Португалци“, дополнил Роналдо.