Фудбал
17. October 2020 - 10:22

Роналдо-баста!

Италијанскиот министер за спорт, Винченцо Спадафора повторно „удри“ по Кристијано Роналдо, велејќи дека ѕвездата на Јувентус мора да ја понесе одговорноста и да престане да биде арогантен по неговото контроверзно враќање во Италија и покрај позитивниот тест на КОВИД-19.
 
Роналдо беше позитивен додека беше со португалската репрезентација, но тврди дека се вратил во Торино со специјален „амбулантно опремен“ авион и дека не прекршил никакви протоколи. Покрај тоа, во Италија се води истрага за седумте фудбалери кои го напуштиле „меурот“ во Торино и покрај препораките на локалните здравствени власти во Пиемонт.
 
Спадафора вели дека тоа што се работи за славен фудбалер не му дава право да биде арогантен и да не ги почитува правилата.
 
„Умешноста на одреден фудбалер не му дава дозвола да биде арогантен, да не ги почитува институциите и да лаже. Колку што е некој попознат има поголема одговорност пред да зборува и треба да биде пример за другите. Немам намера бесконечно да зборувам за ова, туку само потврдувам дека напуштањето на хотелот на одредени фудбалери на Јувентус е под истрага. Им посакувам на сите брзо опоравување“, вели Спадафора.