Спорт плус
16. јуни 2019 - 19:04

Романија неприкосновена на Балканот

Денеска во Скопје во СЦ Форца со церемонијата за прогласување на победниците во поединечна конкуренција и во конкуренција на двојки, свечено беше затворено досега најмасовното  Балканско првенство во пинг понг за млади играчи, на кое вкупно учествуваа дванаест држави со повеќе од сто дваесет натпреварувачи.

 Најуспешна нација на Балканското првенство е Романија, која освои вкупно 4 медали во екипна конкуренција, 3 златни и еден сребрен, 6 медали во поединечна конкуренција, од кои 3 златни, 2 сребрени и 1 бронзен медал, и 8 медали во конкуренција на двојки, 4 златни, 3 сребрени и еден бронзен медал.
 Со освоените одличја Романија докажа дека е неприкосновен лидер во пинг понг на балканот. По бројот на освоени медали следуваат Турција и Србија.
Во државите кои освоија медали се вбројуваат уште, Бугарија, Босна и Херцеговина и Италија.
 Од нашите претставници во поединечна конкуренција најдобро се пласираа Ана Стојановска и Бојана Михајловска членки на јуниорската репрезентација, кои ја поминаа групната фаза на натпреварите, но беа поразени во првиот круг од натпреварите во системот на директни елиминации.
 Во рамките на Балканското првенство беше одржан и конгресот на Балканската пинг понгарска унија. На конгресот е донесена одлука Балканското првенство во сениорка конкуренција во 2020 година да се одржи во Албена Бугарија.
 Овогодинешниот караван на Балкансата пинг понгарска унија продолжува во Црна Гора, каде што на крајот на јули и почетокот на Август во спортскиот комплекс Верде во Подгорица, ќе се одржи Балканското првенство за сениори. Во Црна Гора ќе учествуваат и нашите репрезентативци во полн состав.