Македонија
21. July 2020 - 12:27

Роковите течат – тивки преговори за коалиција

Тече рокот за доставување на тужби до Управниот суд на одлуките на Државната изборна комисија за одбиените приговори на партиите учесници во изборниот процес. Согласно законот, Управниот суд по приемот на тужбите ќе има рок од 60 часа за одлучување.

Според последните информации од судот, до 10 часот утрово таму се уште не е пристигната ниту една од тужбите кои политичките партии ги најавуваа.
Иако во јавност нема многу информации, сепак партиите одржуваат меѓусебни контакти кои треба да резултираат со формирање на ново владејчако мнозинство.
Согласно резултатите од изборите, шанса за канцеларија на Илинденска гледаат сите партии кои освоија пратеници.

СДСМ и ДУИ имаат можност да ја продолжат соработката доколку успеат да се договорат околу условот на интегративците за Албанец премиер. Лидерот на ДУИ, Ахмети, вчера во интервју за косовска телевизија рече дека не се откажува од оваа идеја за што веќе почнал и преговори со останатите партии од албанскиот блок.
Од Алијансата вчера на Сител ја отфрлија можноста за заедничка коалиција со ДУИ.
Шанса за формирање на Влада гледаат и во ВМРО-ДПМНЕ, а партискиот извршен комитет вчера го овласти претседателот Мицкоски да ги води преговорите за тоа.
Математиката на опозициската партија е во средина на Собранието да седне со пратениците на ДУИ и оние од Левица иако не се исклучува можноста и за трансфери на пратеници од една кон друга коалиција.
Во СДСМ веќе неколку дена воопшто не коментираат за текот на преговорите за формирање на новото мнозинство.

Последната опција за која се уште никој не зборува е формирање на широко мнозинство во кое свои претставници би имале сите парламентарни партии.
Согласно законот, Собранието мора да се конституира по Илинден, на 4 август по што се очекува преговорите да се интензивираат и да почнат да се водат на отворена сцена.

Претседателот Пендаровски уште пред изборите најави дека мандатот за формирање на нова Влада ќе и го предаде на онаа партија која ќе обезбеди докази дека има доволен број на пратеници за да може да ја избере новата влада.