Македонија
8. November 2019 - 16:43

Родителите одобруваат настава по сексуално образование

По Владата, и родителите велат ДА за воведување на сексуално образование во училиштата. Речиси секој од 800-те испитаници, одговорил позитивно на прашањето за воведување на наставни содржини на оваа тема, покажува истражувањето на асоцијацијата ХЕРА.

Според телефонската анкета од јули годинава, 96 отсто од родителите сметаат дека сексуалното образование ќе им помогне на нивните деца да научат како да се заштитат од сексуално насилство во секојдневниот живот.

Ист процент сметаат и дека овој предмет ќе им овозможи полесно да добијат медицинска помош во случај на ризик од ХИВ и сексуално преносливи болести, како и несекана бременост.

Како изборен предмет, сексуалното образование нема да се оценува бројчано, а би го предавале обучени и мотивирани наставници.

Со одлука на Владата, пилот-проектот за воведување сексуално образование ќе почне во учебната 2020 / 2021 година во осмо и деветто одделение. Ќе се спроведува во четири училишта, две во градски и две во приградски средини, каде што учат деца од етнички мешан состав.