Македонија
24. јуни 2021 - 16:31

Родителите не можат да почнат со собирање потписи за референдум

Родителите се уште не можат да собираат потписи за распишување на референдум за Законот за учебници. 25 дена откако собранискиот спикер Џафери ја извести Владата дека барањето е уредно, таа се уште нема испратено допис до Државната изборна комисија. Без тоа известување ДИК не може да ги отвори подрачните единици за собирање потписи.

-До ДИК уште не е пристигната информација од Владата. Согласно Законот за референдум Владата треба да ја извести ДИК за натамошната постапка околу собирањето на потписите, велат од Изборната комисија.

Од Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ бараат премиерот да си ја заврши домашната работа и велат дека нема да се откажат од блокирањето на, според нив, спорниот закон. Уверени се оти и покрај тоа што се ближат годишните одмори, дека ќе ги соберат потребните 10.000 потписи.

-Очекуваме во најкраток можен рок премиерот да не извести и да каже од кои причини досега не ги извршил своите работни задачи и обврски во врска со референдумот и со тоа тој директно ја компромитира успешноста на Иницијативата и референдумот. Поради нивната неодговорност ние ќе бидеме принудени да ги продолжиме роковите за собирање потписи, вели Драгана Спасевска од Иницијативата „Учебници и настава мора да има“.

Кога Владата ќе ја извести ДИК не се знае. Оттаму велат дека се што како допис од институција ќе пристигне до Владата се разгледува на седница.

-Кога оваа точка ќе биде на дневен ред и за неа ќе се расправа јавноста ќе биде информирана, велат од Влада.

Родителите сакаат на рефендум да го искажат своето незадоволство против интеграцијата на повеќе предмети во еден, бараат да не се отфлат книгите, туку дигиталните учебници да бидат само дополнителен извор за учење и нивните деца што поскоро да се вратат во училниците.