Македонија
20. јуни 2018 - 23:36

Родителите на распит, ОЈО ги истражува причините за пожарот

Родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница, а за тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата во која денеска животот го загубија три малолетни деца, информираат од Јавното обвинителство на Република Македонија.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес го заврши увидот на лице место каде попладнево избувна пожар во кој животот го загубија три деца на возраст од четири, две и една година.

Според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница. За тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата.

Јавниот обвинител издаде наредби за обдукција на телата на починатите деца и вршење на идентификација. Ќе се врши проверка на трагите земени од лице место за да се утврдат причините за настанување на пожарот.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес презема дејствија за расчистување на околностите на настанот и за утврдување евентуална кривична одговорност.

Претходно МИА објави дека во пожар на куќа на улица „Даре Џамбаз“ б.б над последните куќи под ридот Вршник во високиот дел на Велес попладнево во пожар на трошна куќа која се наоѓала во шума изгореа три малолетни деца на една, две и четири години.

Како што информира за МИА Љубчо Лепидовски командир на Територијалната противпожарна единица од Велес.

– Пожарот е пријавен од граѓани кај нас во 16:05 минути. Ние отидовме со противпожарното возило џип, а пожарот беше во трошната куќа која е на непристапен терен во шума во високиот дел од градот за последните куќи. Стасавме заедно со родителите кои биле да пазарат во продавница, а ги оставиле децата сами дома. Кровот беше паднат и ние гаснавеме заедно со нас беше и таткото. А кога изгаснавме мислевме дека децата избегале, но за жал најдовме склупчени во едно ќоше прво ги најдовме целосно задушени од огнот и изгорени – двете девојчиња на две и четири години, а потоа малку понатаму и најмалото едногодишно девојче. Глетката беше страотно. Во куќата немаше ни вода ни струја. Во куќата имаше многу пластични шишиња кои ги собирало семејството, а кое било социјално загрозено, појасни Лепидовски за МИА.

На местото на настанот излезе на увид јавен обвинител и екипа на СВР Велес кои работеа на откривање на причината на пожарот.