Македонија
21. јуни 2018 - 11:52

Родителите на починатите дечиња, денеска се на распит во велешката полиција, се утврдува причината за пожарот

Основното јавно обвинителство Велес заедно со екипа на СВР Велес денеска продолжија со истрагата на терен во остатоците од изгорената куќа кај велешкиот рид Вршник, каде загинаа три малолетни деца од четири, две години и единаесет месеци.

Од вчера теренот кај изгорената куќа го обезбедува велешката полиција.

Гордана Тодорова в.д. јавен обвинител од ОЈО Велес за МИА изјави дека јавен обвинител утрово заминал на увид на терен. Првиот увид по настанот, како што рече, завршил доцна синоќа.

- Ќе се врши подолго вештачење за да се утврдат причините за настанување на пожарот во кој животот го загубија три малолетни деца. Мислам дека денеска не ќе можеме да кажеме кои се причините за пожарот бидејќи очекувам вештачењето да трае подолго. Инаку денеска по наредба на ОЈО ќе биде извршена обдукција на телата на децата и нивна идентификација, бидејќи истите по пожарот се најдени јагленосани, појасни Тодорова. 

Пожар Велес

Родителите на починатите дечиња, денеска се на распит во велешката полиција.

Според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница. За тоа време од засега непознати причини избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата.

Како што објави синоќа ОЈО, надлежниот јавен обвинител од ОЈО Велес превзема дејствија за расчистување на околностите на настанот и за утврдување евентуална кривична одговорност. 

Инаку, според информацијата за МИА од Територијалната Противпожарна единица од Велес, пожарот кај нив бил пријавен од граѓанин во 16:05 минути, по што тие со теренско возило за гасење со џип наменет за непристапен терен веднаш се упатиле кон на ридот Вршник во високиот дел на градот на ул.„Даре Џамбаз“ б.б. 

Пожар Велес

Трошната куќа со една соба е на непристапен терен во долот на ридот Вршник, во шумата, оддалечена стотина метри од последните куќи. 

- Кога стигнавме кровот на куќата беше паднат и ние гасевме, тука беа и родителите, а со нас цело време расчистуваше и таткото. Помисливме дека децата можеби успеале да избегаат од пожарот. Но по расчистувањето на паднатиот кровот во еден агол ги најдовме двете деца, на четири и две години, а под нив и единаесетмесечното бебе. Глетката беше страотна, бидејќи телата на децата беа целосно јагленосани, вели командирот  на велешката Противпожарна единица, Љупчо Лепидовски. 

Семејството на четириесетгодишните Никола и Марина со четири деца било социјално загрозено и собирало пластични шишиња. Кога се случил пожарот, во куќата не бил нивниот поголем син Стефан, кој во тоа време собирал шишиња. Родителите заминале во продавница за да купат храна и притоа ги заклучиле децата.