Македонија
29. November 2021 - 12:24

Родителите на извидникот Петар побараа видеото да се избрише од социјалните мрежи

Видеото од малиот извидник Петар, кое од вчера кружи на социјалните мрежи, со брзина на светлината стана вирално. Петар сега е ѕвезда во вистинска смисла на зборот, а неговата искрена изјава за грашокот стана тема број еден на социјалните мрежи.

Сепак, и покрај позитивната енергија која ја пренесе, во јавноста се појави информација дека родителите побарале истото да се повлече.

Неофицијално, видеото прв го објавил другар на таткото на момчето, по што започнало преземањето од оние кои сметале дека е интересно и забавно, и кои генерално, без лоша намера, не ни помислиле дека евентуално треба да се добие согласност од родители, за да се споделува видео клип со дете.

На социјалните мрежи веќе започнаа и полемиките околу тоа дали јавноста смеела да го споделува видеото, дали и какви штети тоа може да предизвика, односно дали може да иницира сајбер – булинг и да влијае негативно врз момчето.

Иако во помал број, но актуелни се и коментари околу тоа дали дете кое наоѓа замерки на понудената храна е разгалено, со што се испоставува дека момчето сепак, иако не по своја вина, се најде на мета на невкусни коментари и критики, и прашање е како тоа може да влијае врз неговата детска психа, пишува „Фокус“.

Од „Фокус“ ја контактирале мајката на Петар, со цел да се дознае ставот на родителите по повод објавувањето и масовното споделување на видеото на нивното дете, но засега одговор нема.