Живот
17. May 2017 - 15:22

Родители внимавајте - Играта “Син кит” сее смрт кај децата

Играта “Син кит” којашто наводно довела до повеќе самоубиства на малолетници успеа да добие огромно внимание како во регионот, така и пошироко во светот, а од неодамна за оваа игра на големо се зборува и кај нас.
 
Засега нема повеќе податоци во врска со тоа што навистина претставува играта “Син кит”, како и тоа како тинејџерите доаѓаат до неа, ниту пак постојат конкретни податоци за нејзиното влијание, како и евентуалната превенција и заштита од кобните последици коишто наводно ги предизвикува.
 
“Синиот кит” е пред сè наменета за помладата популација, а според медиумските извештаи се работи за период од 50-на дена играње, кога пред децата се поставуваат најразлични задачи, на почетокот помалку опасни, како што е на пример гледањето на хорор филмови, за потоа да биде побарано самоповредување со втиснување на син кит на рацете, а сето тоа завршува со повик на извршување на самоубиство. Од она што е засега познато е тоа дека оваа игра е исклучително опасна и веќе на големо присутна во многу светски држави. Поради неа наводно досега настрадале повеќе десетина малолетници.
 
За оваа “игра” веќе повеќе од половина година на големо се зборува и во Русија, а на истражувањето на овој феномен на тие простори работеле повеќе руски новинари, руската полиција, родителите на загрозените деца, како и стручњаци коишто работат со деца.
 
Меѓутоа, на нашите простори засега сè уште се пласираат непроверени информации, изјави од неименувани извори и слично, а проблемот лежи во тоа што приказната во нашиот регион се пласира главно преку текстови од таблоидни медиуми од англиското говорно подрачје.
Слични извештаи за “Синиот кит” може да се пронајдат и во медиумите во Велика Британија, Бугарија, па дури и во Кина и Бразил.
 
Посериозни истражувања на оваа тема направила руската “Нова Газета”, којашто на јавноста ѝ е позната и по извештаите во врска со злоставувањата врз хомосексуалците во Чеченија, а која во своите текстови ни донесува конкретни информации.
 
Првата заблуда е дека се работи за некаква апликација за паметни телефони или видео-игра. Меѓутоа, “Синиот кит” е опасна игра којашто се “игра” преку друштвените мрежи во затворени групи, коишто ги водат личности чија што главна цел е да манипулираат со младите и ранливите луѓе.
 
Тинејџерите за коишто “организаторите” ќе проценат дека би можеле да бидат вовлечени во играта се вовлекуваат во приватни групи на друштвените мрежи, а потоа, наводно се пронаоѓаат оние најранливите и најподложните на психолошки манипулации.
 
Како што пишува “Газета”, се работи за повеќе затворени групи на руската друштвена мрежа VK, коишто настанале во периодот од крајот на 2013-та година до месец мај во 2016-та година.
 
Во една од верзиите на оваа игра, администраторите на групата во период од 50 денови ги наговоруваат членовите на извршување на различни “задачи”. На почетокот се работи за гледање на хорор филм, будење во невообичаени периоди во ноќта, а потоа и убиства на животни или самоповредување. На крајот од нив се бара и да се убијат.
 
Руската агенција ТАС, а подоцна и британскиот BBC, коишто вообичаено темелно им пристапуваат на темите и не објавуваат непроверени информации, објавиле дека еден од администраторите на таканаречената “група на смртта”, Филип Будејкин, е уапсен и дека се наоѓа во притвор сè додека трае истрагата. Против него веќе сведочеле повеќе администратори и членови на групата, а обвинет е дека наведувал тинејџери на самоубиство.
 
BBC ја пренесува изјавата на едниот од членовите на тимот којшто ја води истрагата, а кој наведува дека Будејкин “многу јасно знаел што мора да направи за да дојде до она што го посакува”. Притоа се наведува дека членовите на групата морале да бидат онлајн секоја ноќ во 4 часот и 20 минути, со што администраторите сакале да ги заморат и со тоа да ја намалат нивната способност за разумно одлучување.
 
Будејкин сметал дека слабите деца се “биолошки отпад”?
 
 
Британскиот таблоид Daily Mail пренел и наводно интервју коешто креаторот на играта “Син кит”, 21-годишниот Русин Филип Будејкин го дал за руските медиуми. Тој во тоа интервју наводно вели дека неговите жртви се “биолошки отпад” и дека истите биле “среќни што ќе умрат” и дека на овој начин тој едноставно го “прочистувал општеството од отпадот”.
 
- Не грижете се, сето тоа ќе го сфатите. Тие умираа среќни. Јас им го дадов она што им требаше во реалниот живот, топлина, разбирање и поврзаност, пренесува Daily Mail.
 
Во таблоидите се наведува и дека поради оваа “игра” животот досега си го одземале повеќе стотина тинејџери и малолетници ширум светот, како и тоа дека повеќе биле веќе спречени во обидот да се самоубијат. Сепак, овие информации засега остануваат непотврдени.
 
Зошто токму најмладите?
 
Тоа е веројатно така затоа што младоста со себе носи голема љубопитност и заинтересираност. Младите сакаат брзи, драматични и невообичаени нешта. А тука секако голем удел има и недостатокот на искуства. Според стручните лица, друштвените мрежи се лесно заводливи, и притоа делуваат така што со еден клик може наизглед да ги задоволите сите ваши потреби.
 
За да се заштитат децата, со нив треба да биде изграден однос во којшто постои отвореност и однос во којшто би можело слободно да се разговара на било која тема, а притоа да не биде нарушен односот. Тоа подразбира семејствата да бидат емотивно стабилни и да имаат доволно време за да негуваат добра комуникација. А ова посебно се однесува на тинејџерите.