Македонија
20. May 2022 - 12:16

Родители на првачиња од Штип не сакаат да ги запишат своите деца во ОУ „Гоце Делчев“

Родители од Штип ја менуваат адресата на живеење за да ја избегнат реонизацијата, односно, нивните деца првачиња од 1-ви септември да не се запишат во ОУ„Гоце Делчев“, каде доминантно учат деца од ромска националност. Раководството на училиштето испратило допис до СВР, за да се утврди дали навистина постојат вакви манипулации.

Испративме допис да се изврши полициска проверка на сите оние што сакаат да ја променат личната карта, да се утврди дали е тоа вистинското место на живеење, изјави Трајче Димов, директор на ОУ „Гоце Делчев“ - Штип.

Поради големиот број барања за трансфер на првачињата, училиштето, не по негова вина заработи две тужби за сегрегација и дискриминација пред меѓународните судови.

Една е преку Хелсиншкиот комитет, каде преку ОУ „Гоце Делчев“, тужени се и општината, Министерството за образование и Владата на РСМ. И уште една тужба до Судот за човекови права во Стразбур, врз основа за наводна дискриминација, додаде Димов.

Пресуди се уште нема, но постојат т.н. чисти паралелки само со ученици Роми, бидејќи тие најчесто се запишуваат откако ќе помине законскиот рок за формирање одделенија.

Не го почитуваат редовниот уписен рок и доаѓаат некаде при крајот на август, септември, па дури и во месец октомври. За жал, во тој период доаѓаат деца само од ромската популација, а одделенијата веќе се формирани и немате друг начин, па затоа се формираат овие „чисти“ паралелки, изјави Димов.

Училиштето е единствено во општината кое нуди бесплатен целодневен престој за учениците, наставата целосно е дигитализирана и има 24 часовен видео надзор.