Македонија
24. April 2018 - 18:39

Робертсон: Потребни се одлуки кои не се лесни, но се важни за иднината

 Охрид за поддршка на Република Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ ја промовираше денеска премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со поранешниот генерален секретар на Алијансата, лорд Џорџ Робертсон, кој ја предводи групата високи дипломати во посета на земјава. 
 
- Денеска сме тука заеднички да го објавиме конституирањето на Група Охрид, која ќе дава поддршка за успешно завршување на процесот за влез на Македонија во ЕУ и НАТО, рече Заев. 
 
Групата Охрид е неформална група создадена од членови со импресивен бекграунд, со различна политичка припадност.
 
- Активностите на групата и на одделни нејзини членови, кои ставија печат со нивната дипломатска кариера и дадоа поддршка за нашите напори за изградба на демократска, стабилна и просперитетна држава. Тие се тука да го поддржат нашето членство во ЕУ и НАТО, рече Заев.
 
Македонија и НАТО, нагласи тој, се блиски пријатели веќе 22 години, а  партнерството го помина тестот на времето и ја докажа способноста на нашата земја да се адаптира и ги применува критериумите на Алијансата со учество во заедничките мисии и поддршката во борбата со меѓународниот тероризам и екстремизам.
 
Истакна дека РМ направи квантен скок од заробена држава до обнова на демокартијата и владеењето на правото и оти за нас е силен сигнал што НАТО го враќа фокусот на Балканот и што продолжува политиката на отворени врати.
 
- Сакаме 2018 да биде историска година за РМ, за регионот, како и за НАТО и ЕУ. Нашата цел е во 2018 да имаме историски успех, да ја добиеме поканата за членство во НАТО и по ратификацијата во земјите членки да станеме 30-та земја членка на Алијансата. Затоа ги вложуваме сите наши напори на РМ да се гледа како на кредибилен парнер во меѓународните односи, затоа ја бараме поддршката поддршката од НАТО-членките од ЕУ и од пријателите на нашата земја. Тоа што нашите пријатели организиарани како Група „Охрид“ застанаа зад нас како вистински пријатели на РМ е вистински сигнал за поддршка на новото лице на РМ демократско, ориентирано кон иднината, европско лице, рече Заев, заблагодарувајќи се на членовите на групата. 
 
Робертсон, посочувајќи дека поминале 17 години откако последен пат се обратил на прес-конференција во Македонија, истакна дека името Група Охрид е избрано, бидејќи тој град има големо значење за земјата, со оглед на тоа дека таму е потпишан Охридскиот договор, но исто така тоа е и град заштитен од УНЕСКО.
 
- Поминаа 17 години кога последен пат се обратив на прес- конференција во Скопје, но тогаш бев во време кога Македонија се соочуваше со криза, а земјата сега почнува да го трасира својот пат кон просперитетниот свет, рече Робертсон.
 
Македонија, во еден период од неговиот живот, била во фокусот на неговото внимание и како што рече постоела можност за нејзина поделба, но сепак, тоа не се случило бидејќи лидерите на земјата застанале заеднички и храбро да се движат кон иднината.  
 
Потсети дека околу 11 пати заедно со Солана ја посетиле земјава и биле сведоци на потпишувањето на Охридскиот договор. - Земјата, која беше на работ на граѓанска војна, стана земја, која тропна на европските врати и ја разбра потребата за подобра иднина, рече Робертсон. 
 
Нагласи дека новата група ќе ги советува Владата и министрите, но ќе биде достапна и за опозицијата и претседателот на државата.
 
- Вашата земја со цело срце се заложи за членството во ЕУ и НАТО. Но, ние немаме единствена формула за постигнување на овие цели. Не сме тука да дадеме лажни ветувања. Важно е Македонија и Македонците да се заложат да донесат одлуки, кои можеби нема да бидат лесни и популарни, но ќе бидат важни за сите идни генерации. Потребно е лидерство и раководство кое е одлучно и гледа во иднината. Тоа се случи во Охрид пред 17 години, а тоа ќе биде многу важно и денес, рече Робертсон.
 
Тој го поздрави лидерството кое го покажа премиерот Заев, како и поддршката на грчкиот премиер Ципрас за целиот процес. 
 
- После години на талкање забележувам вистинска надеж за напредок. Ние ја нудиме нашата поддршка со понизност верувајќи во иднината на оваа земја и нејзиното место во ЕУ кое ќе биде од полза за земјата, но и за цела Европа, порача Робертсон.
 
Во групата, освен Џорџ Робертсон се вклучени и поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Хавиер Солана, поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи Карл Билд и истакнатите дипломати Кристофер Гајд, Роберт Гелбард, Ален Ле Роа, Волфганг Ишингер, Дајмонд Вилсон и Зоран Чичак.