Џет-Сет
16. May 2016 - 10:11

Роберт де Ниро отвара ресторан на Свети Стефан

Во рамки на хотелскиот комплекс Свети Стефан - Милочер на 17 јуни ќе биде отворен јапонскиот ресторан „Нобу“ во делот на угостителскиот објект „Кралска столица“, а ќе го отворат сопственикот Нобујуки Мачухиса и легендарниот американски актер Робет де Ниро, кој е косопственик, објавија црногорските медиуми.
 
Отворањето на познатиот ресторан го најави Јанис Маркогијанис, претставник на компанијата „Адријатик пропертиз“, која е закупец на овој хотелски комплекс.
 
Маркогијанис во интервју за „Дневни новини“ изјави дека во тек е втората фаза на овој развоен проект, а во изградбата на новиот хотелски комплекс на Кралската плажа и останатите содржини ќе бидат вложени повеќе од 100 милиони евра во следните три години.
 
Закупецот на Свети Стефан, Милочер и Кралската плажа ќе гради луксузен комплекс со пет ѕвездички, кој ќе има 60 хотелски соби и 66 апаратмани, внатрешни и базени на терасите, спа центар, библиотека, фитнес центар и бистро кафетерија.