Ракомет
31. July 2015 - 19:53

РК Вардар ги претстави новите засилувања

Македонскиот ракометен шампион Вардар денеска на прес конференција ги претстави новите засилувања за претстојната сезона. Црвено-црниот дрес во претстојната сезона ќе го носат: Александар Деревен, Хорхе Македа, Лука Циндриќ, Мијајло Марсениќ и Дејан Манасков.
 
Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков, кој за место во тимот ќе треба да се бори (или да го дели со Тимур Дибиров) за новиот клуб истакна:
 
- По кусата авантура во Германија во следните три години ќе бидам дел од Вардар. Ова е голем клуб, каде амбициите се да се победува и се надевам дека ќе ги оствариме зацртаните резултати и цели на клубот и Вардар да игра на „завршниот турнир“. Со „Комитите“ ќе се смирам на терен, а за тоа колку ќе настапувам ќе одлучи тренерот секако во зависност од тоа колку ќе бидам подготвен. Јас ќе се трудам да го дадам максимумот на секој дуел.
 
Шпанскиот репрезентативец Хорхе Македа изјави:
 
- Среќен сум што сум тука и што ќе играм во Лигата на шампионите. Сакам со тимот да бидеме на „фајнл-фор“.
 
Репрезентативецот на Русија, Александар Деревен истакна:
 
- Задоволен сум што сум тука. Ова е добар клуб со добри односи. Цел е да се биде на Ф4, но знаеме дека на сите натпревари ќе одиме на победа.
 
Довчерашниот играч на Металург Лука Циндриќ за својот нов тим во Скопје истакна:
 
- Среќен сум што сум дел од голем клуб, со голема традиција. Јас и претходно бев во Скопје, но сега имам нов тренер, нови соиграчи, а се надевам дека сите заедно ќе постигнеме добри резултати.
 
Мијајло Марсениќ е најмалку познато име, но и тој ја знае обврската со доаѓањето во Вардар.
 
- Среќен сум тука. Екипата е добра. Ќе се обидам да ја искористам секоја пружена шанса, а амбициите на клубот се познати секогаш да се оди на победа.
 
„Вардарци“ неколку денови тренираат во Скопје, а според зборовите на директорот Давор Стојановски тимот на 3.август ќе замине за Крањска Гора на подготовки, а од 13.август ќе учествува на турнир во Кањижа. Од 24-28.август Вардар ќе биде домаќин на турнир, кој ќе се организира за првпат, но од клубот најавуваат дека ќе биде традиционален.