Македонија
16. January 2022 - 16:37

Ризично патувањето на автопатот Штип - Скопје поради одрон, институциите си префрлаат одговорност

Карпи на сред пат. Повеќе од еден месец никој не ги расчистува одроните на автопатот Штип – Миладиновци. Карпите окупирале две ленти од автопатската делница, па возачите мораат да возат во една лента.

- Повеќе од месец и половина надлежните никако да го расчистат одронот на патот Штип – Миладиновци. Возачите се принудени многу повеќе да внимаваат на делот од делницата од Свети Николе кон Скопје.

И додека граѓаните постојано алармираат за проблемот, решение на повидок нема. Јавното претпријатие за државни патишта е инвеститор, а Македонија пат чека насока од нив. Директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми не сакаше да ни даде изјава бидејќи бил на семеен ручек. Ни кажа дека требало да се направи увид на терен и план за санација. Преку тендер да се избере фирма која ќе го расчисти одронот и ќе го санира патот. Но кога тоа ќе се случи не знае.

Рустеми вели дека Македонија пат може веднаш да интервенира, но тие не можеле да најдат трајно решение.

Директорот на „Македонија пат“, пак вели, без налог од ЈПДП тие не можат да сторат ништо. Вели, претпријатието расчистило колку што можело, но проблемот е поголем.

- Како што гледате, патот е соодвено обележан, обезбеден, обезбедено е одвивање на сообраќајот. Меѓутоа тука станува збор за поголемо свлечиште и тие карпи на некој начин обезбедуваат. Има опасност, ако се тргнат да настане поголем одрон, поголемо свлечиште и да дојде до поголеми проблеми. Затоа чекаме соодветен проект и констатација на инвеститорот, вели директорот на „Македонија пат“, Костадин Ацевски.

Миладиновци – Штип е најнов автопат во државата и пуштен беше во употреба во јули 2019-та. Меѓутоа, дури сега се градат патарините. Не сите клучки се целосно завршени. На некои места ниту патната сигнализација не е соодветна бидејќи одеднаш максималната брзина се намалува од 120 на 70 километри на час иако на патот нема работници. На одредени места веќе и се чувствуваат дупки на асфалтот.