Македонија
14. October 2016 - 21:45

Ристовски: Инвестициите во образованието се видливи и никој не може да ги оспори

Во изминатите десет години во образовна инфраструктура се вложени околу 120 милиони евра, а со дополнителната инвестиција од околу 32 милиони евра ќе ја достигнеме бројката од 150 милиони евра, рече заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски на попладневната дебата што ја организираше ВМРО-ДПМНЕ.

- Тоа се инвестиции кои се видливи и која ниту една политичка партија не може да ги оспори, истакна Ристовски, додавајќи дека се направени низа реформи во насока на развој на образованието. 

Ристовски посочи дека е воведено задолжително основно и средно образование, намалена е партиципацијата за студирање на 200 до 400 евра, а изградени се и 74 комплетно нови училишта и реконструирани се повеќе од 400 училишта.

- Ги намаливме партиципациите на 200 до 400 евра за да можат учениците да размислуваат и за високото образование. Како одминуваат години доаѓаме до европскиот стандард. 71 процент од студентите кои се запишуваат на факултет го продолжуваат и завршуваат високото образование. Образованието е еден од петте приоритети на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, рече Ристовски. 

Тој посочи дека во 2006 година за образованието се одвојувале 16 милијарди денари за разлика отсега кога се одвојуваат 10 милијарди денари денари повеќе.