Македонија
2. December 2016 - 18:33

Ристовски: Две нови училишта и спортска сала во Гази Баба

Изградба на ново основно училиште во Хиподром и во населбата Ченто, како и нова спортска сала во ОУ „Свети Кирил и Методиј“ во Стајковци, најави Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ при посетата на овие населени места.

- Согласно нашиот план и програма за работа за следните четири години предвидено е изградба на комплетно ново училиште во рамки на населеното место Хиподром или комплетно нов училишен објект за ОУ „Вера Јоциќ“. Планирана е изградба на нов училишен објект на ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во населеното место Ченто и изградба на комплетно нова спортска сала за потребите на учениците во ОУ „Св.Кирил и Методиј“ во Стајковци којашто ќе биде градена комплетно со буџетски средства, рече Ристовски.

Според него, станува збор за три капитални проекти за овие населени места во општина Гази Баба коишто во наредниот мандат, како што рече, очекува ВМРО-ДПМНЕ да ги реализира за потребите на граѓаните на овие места.

Додаде дека во ОУ „Свети Кирил и Методиј“ каде треба да се гради спортската сала, во текот на минатата учебна година речиси 11 милиони денари биле инвестирани од Министерството за промена на покривот и други санациски инвестиции.

Ристовски во посета на овие населени места беше заедно со Трајко Вељаноски, кандидат за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Тие, како што рече, средбите со граѓаните ги искористиле во непосреден контакт и разговор да им ги презентираат поволностите коишто ги нуди програмата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори.