Фудбал
29. August 2017 - 14:06

„Рисовите“ тренираа претпладне

Фудбалската репрезентација на Македонија ги одработува подготовките за двата квалификациски натпревара (Израел и Албанија) што ќе ги одигра во почетокот на септември.
 
Репрезентативците Езџан Алиоски и Стефан Спировски ги пренесоа размислувањата за текот на подготовките и очекувањата од пресметката против Израел.
 
„Сите ќе бидеме подготвени, а се надевам дека ќе имаме и малку повеќе среќа. Атмосферата во тимот е одлична, ако ја пренесеме формата и ефикасноста од настапите на клупски план, мислам дека ќе биде позитивно за нас во Израел. Наша задача во овие неколку дена е да го дадеме најдоброто од себе на тренинзите и да ги исполниме задачите што ги бара од нас селекторот. Убеден сум дека секој што ќе добие шанса ќе даде максимум. Мислите ни се насочени единствено кон пресметката на 2 септември, чекор по чекор, подоцна за Албанија“, изјави новиот фудбалер на унгарски Ференцварош, Стефан Спировски.
 
Езџан Алиоски се надева дека добрата форма ќе ја пренесе и во репрезентативниот дрес. Крилниот напаѓач викендов постигна погодок во дресот на англиски Лидс.
 
„Јасно е дека нѐ очекува тежок натпревар, но ние одиме на три бода. Во овој македонски тим има квалитет, младите фудбалери носат нова енергија и се надевам дека конечно и резултатски ќе поминеме добро. Сакам да постигнам гол, но на крајот тоа е малку важно, најбитно е да победиме, сеедно кој ќе биде ефикасен“, вели Алиоски.
 
Македонија на 2 септември ќе му гостува на Израел, а три дена подоцна ќе ја пречека Албанија во Струмица.
 
На табелата во Г-групата лидери се Италија и Шпанија со по 16 бода, Албанија и Израел имаат по 9, Македонија е претпоследна со 3, а Лихтенштајн е последен без освоен бод.