Свет
3. February 2017 - 19:36

Ријад: Време е да се смени однесувањето на Иран во регионот

Саудискиот генерал Ахмед ал Асири го предупреди денеска официјален Техеран дека е „дојдено време да се смени однесувањето на Иран во регионот“, не споменувајќи притоа како ќе се изврши „дисциплинирањето“.

Во интервју за Би-Би-Си, генералот Ал Асири изјави дека „мора да се запре мешањето на иранските власти во соседните земји“, како Ирак, Сирија и Јемен.

Овој бригаден генерал на саудската армија, кој е ангажиран како специјален советник во Министерството за одбрана на Саудиска Арабија, порача дека „Иран ќе мора да се врати во неговите граници“.

Шиитски Иран и сунитската вехабистичка Саудиска Арабија се повеќедецениски ривали во битката за политичко и религиозно влијание во регионот на Блискиот Исток.

Предупредувањето од Ријад доаѓа речиси во исто време со одлуката на новата Администрација во Вашингтон за воведување санкции кон Техеран, како последица на извршената ракетна проба на иранската армија и во период кога САД испраќаат еден разурнувач близу до брегот на Јемен, со цел, како што најавија, да обезбедат заштита од силите на јеменските шиитски бунтовници Хути, кои се поддржани од Иран.

Веќе две години во Јемен трае граѓанска војна меѓу бунтовниците Хути и јеменската Влада. Бунтовниците го зазедиа и главниот град Сана и ја протераа Владата, која сега е сместена на југот од земјата во Аден.

Властите во Ријад го обвинуваат Иран дека директно ги помага бунтовниците, па Саудиска Арабија создаде коалиција од пет сунитски арапски земји кои ги бомбардираат позициите на шиитските бунтовници.

Официјален Техеран досега не реагираше на заканите од Ријад, но иранскиот министер за надворешни работи Џавид Зариф ги отфрли како „бескорисни“ заканите на САД по извршената ракетна проба.

- Не се возбудуваме од заканите кои доаѓаат од една неискусна личност, напиша Зариф на Твитер, алудирајќи на новиот американски претседател Доналд Трамп.