Loading Video...
Ракомет
9. January 2018 - 18:37

РФМ и Македонски Телеком ја промовираа новата соработка

 
 
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) од денеска има нов партнер. Македонски Телеком е нов спонзор на нашата најдобра машка ракометна репрезентација, пред која претстои настап на Европското првенство во Хрватска. 
 
Генералниот извршен директор на Македонски Телеком, Андреас Елснер, очекува дека соработката ќе донесе голем успех на репрезентацијата, впрочем како што тоа беше случај и во соработката во европскиот првак Вардар.
 
„Ракометот е атрактивен спорт, а македонската репрезентација е гордост, па затоа решивме да се приклучиме кон еден исклучително успешен проект. Имаме одлична соработка со Вардар, екипа што  стана европски првак, па се надевам дека истата среќа ќе и ја донесеме и на македонската ракометна репрезентација“, изјави Елснер, на денешната промоција на договорот. 
 
Претседателот на РФМ,Живко Мукаетов, оваа партнерство го гледа како соработка на најуспешните.
 
„Најдобрите одат заедно. Среќен сум што потпишуваме договор и што ова партнерство почна да функционира. Ракометот како најуспешен спорт во државата и Македонски Телеком кој знаеме што значи во светот на телекомуникациите и напредната технологија, ќе бидат дополнителен мотив и сигурност за нашите играчи, иако за нив најголем мотив е тоа што играат за Македонија. Нема поголема чест од тоа“, вели Мукаетов.
 
Еден од главните адути за успешен настап на ЕП, како и секогаш ќе ни биде капитенот Кирил Лазаров.
 
„Се надевам на успешна долготрајна соработка, која во иднина треба да ни донесе големи успеси. Сите сме орни за игра и едвај чекаме да почне Европското првенство. Можам да кажам дека сме подготвени да се бориме против сите, па макар тоа бил и европскиот првак Германија. Треба да одиме од натпревар по натпревар, а  најважен сега е првиот дуел против Словенија, На секој меч ќе одиме на победа. Се надевам дека ќе влеземе во вториот круг. Имаме квалитет за да ја реализираме оваа цел“, изјави Лазаров.
 
Ракометарите до четврток ќе ги одработуваат завршните подготовки, по што заминуваат за Загреб каде во сабота со дуелот против Словенија ќе го започнат настапот на Европскиот шампионат. Противници на црвено-жолтите во Ц групата редоследно ќе бидат и селекциите на Црна Гора и европскиот првак Германија.