Македонија
10. July 2021 - 16:36

Резолуцијата за преговарачките позиции доби поддршка од власта, опозицијата очекува да се најде на првата собраниска седница

Уставното име кое ќе стои на Резолуцијата и уште некои формалности – доволни за власта да го прифати документот на опозициската ВМРО ДПМНЕ за одбрана на идентитетот. Премиерот Заев уверен дека нема да има понатамошни пречки за усогласена позиција од сите политички партии по Резолуцијата, која во Парламентот треба официјално да ги исцрта македонските црвени линии.

“Разговаравме, ДУИ ја прифати Резолуцијата на ВМРО ДПМНЕ. Со тоа што треба да се смени уставното име, би требало и да се утврдат и одредени формалности во самата резолуција да биде прифатлива за сите и уште еднаш да му покажеме на Мицкоски дека и тој, кој го има проблемот со македонскиот јазик и идентитет, еве преку заедничката резолуција тоа ќе го потврдиме”.

Најголемата опозициска партија очекува да се премине од зборови на дела и Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во однос на евроинтеграциите да се најде што поскоро пред пратениците.

“Резолуцијата е поднесена од ВМРО ДПМНЕ и очекуваме да се најде на дневен ред на првата закажана седница во Собранието. Очекуваме службите да го информираат Џафери, а истото се однесува и за поднесената интерпелација”.

Од Алијанса за Албанците засега без конкретен став. Најавуваат конечна одлука по дебатата во Собранието.

“Дискусијата околу ваквите теми не може да се одвива преку прес-конференции во седиштата на партиите, туку, потребна е вистинска дебата во највисоката законодавна институција во земјата. Да ги слушнеме сите детали, аргументите на партиите во Собранието и таму ќе ги соопштиме нашите аргументи и ставови”, соопштија од албанската опозициска партија.

Со своја забелешка и ВМРО – Народна партија. Во резолуцијата сериозен недостаток претставува што нема конкретно временско и просторно определување на македонскиот идентитет и јазик.

“Без овие елементи предлог-резолуцијата дава простор теоретски, македонскиот јазик и македонскиот идентитет исто така, да се определат со почеток од 1945-та година и тоа само на просторот на Северна Македонија. Така што оваа резолуција на ваков начин може да ни создаде поголем проблем отколку решениe”, велат од партијата.

Во пресрет на утрешните повторени парламентарни избори во Бугарија, пак, Заев со единствена желба. Формирање на владин кабинет со кој македонските власти ќе можат да водат суштински преговори со позитивен исход.

“Остана да се избере БГ парламент и да се избере владата за да имаме надеж дека ќе се донесе одлука. Тие обично се носат на крајот на полугодието, затоа очекувам одлука во декември. Но секако да го оставиме процесот да биде успешен за да може да се израдуваме на ова толку долго очекувана одлука. 16 и пол години ниедна земја не чекала толку, ниедна земја не била толку пофалена”.

Македонските позиции јасно се пренесени при посетата на 17 јуни на Софија, вели Заев, потенцирајќи дека баналната пречка меѓу нас и Бугарија, како што премиерот го нарече спорот, повеќе е прашање на достоинство и дигнитет на Европската Унија, отколку што е наш проблем.